Бугарскиот премиер Кирил Петков до Народното собрание ќе го испрати францускиот предлог за укинување на ветото на Северна Македонија за почеток на преговорите за членство во Европската Унија. Ова го споделил самиот Петков пред своите најблиски соработници, пишува БГНЕС.

Како што пренесува бугарската новинска агенција, Петков се пофалил дека „детално е запознаен со шемата како ќе се случи сето ова“.

„Во четврток, на 16 јуни официјално ќе биде испратен до сите земји-членки на ЕУ, а јас лично утре го испраќам до парламентот“. Ова биле токму зборовите со кои се пофалил и дека „Лично, Емануел Макрон и Олаф Шолц стојат цврсто зад мене. Ќе го прифатиме, а потоа ќе продолжиме понатаму“, пишува БГНЕС.

Вчера, на самиот почеток на состанокот на Министерскиот совет, Петков го прочита неговото барање, кое беше веднаш прифатено, „предлогот на француското претседателство веднаш да биде испратен до собраниската Комисија за надворешна политика“.

Со овој потег Петков, пишува БГНЕС, освен што ги изолира сите од ова важно прашање, вклучително и Министерството за надворешни работи, практично од бугарското општество крие се што поединечно договарал и продолжува да преговара со странските дипломати.

Вчера министерката за надворешни работи Теодора Генчовска во Националното собрание го обвини Петков дека му ветил на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи дека ќе го укине ветото пред крајот на француското претседателство кое завршува на 1 јули.

Очигледно Кирил Петков има намера лично да ја донесе оваа одлука за време на самитот на ЕУ што ќе се одржи на 23 и 24 јуни во Париз, пишува БГНЕС.