Бугарскиот премиер Кирил Петков во емисијата „120 минути“ на БТВ, рече дека има желба во првата половина на јануари да се сретне со новиот премиер на Македонија.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, бугарскиот премиер предложил да има пет работни групи и тоа за економија, инфраструктура, евроинтеграции, култура и историски прашања. Предлага групите да се состануваат секој месец и ако е возможно средбите да не се истовремено, а секоја недела да има заседание на одделна група и да има работни резултати.
Ако тоа биде направено, според Петков, во интензивен период од работењето може да бидат направени и компромиси од двете страни.
– Македонските граѓани со бугарско потекло треба да бидат заштитени од дискриминација и од говор на омраза. Исто така, треба да има и некој инструмент којшто ќе гарантира дека секој таков елемент на дискриминација, ќе биде оценет како неевропски, нагласил Петков.
Според него, прво нешто што треба да се направи, е да се смени реториката.
– Се разбира, и од другата страна има црвени линии. Не можеме да ги занемариме фактите. Полесно е кога ќе видиме колку може да добиеме и од двете страни, да смислиме можности за нештата кои се прифатливи и за двете страни. Нема да отстапиме од нашите сериозни позиции, ќе можеме многу да добиеме заедно, потенцираше Петков.
Треба вистинска работа, а не политички слогани, вели Петков, за да се постигне напредок за еден многу краток период.