„ГДУ на Парламентарните избори освои 3555 гласа, а на пописот беа изброени 3504 граѓани кои се самоопределилe како македонски Бугари?!Единствената заедница во Македонија која се зголемила за овие 20 години со два и пол пати е бугарската заедница. Додека сите останати заедници се намалиле со многу, само Бугарите се зголемуваат, иако не сум слушнал да имаат по 4-5 деца. Додека кај сите заедници во Македонија бројот на мажи и жени е скоро ист, кај бугарската заедница со 35% мажите се повеќе од жените.Како дојде до таков прираст на македонските Бугари и како успеавме до последниот Бугарин во Македонија да го мобилизираме да гласа за ГДУ, вклучувајќи ги и децата, не ми е јасно, сигурно чудо е во прашање?!“ стои во реакцијата на Петар Колев претседател на бугарската партија во РС Македонија Граѓанско Демократска Унија, по објавувањето на официјалните резултати од пописот што се одржа во септември минатата година на територијата на РС Македонија и електронски во дијаспората.

„Сценариото е јасно, со ПР фанфари се договараме за цар Самуил, ставаме една плоча на тврдина дека е цар на Бугарија, ќе смениме неколку плочи со текстови за „бугарскиот фашистички окупатор” и ќе е само „фашистички окупатор”, македонските Бугари се малку и незначаен дел од општеството, нема потреба од промена на Уставот, и готово сме го решиле проблемот. Да, ама не! Жалното е што сето ова не се прави сам, не го направил некој само во Скопје, за ова некој и во Софија помогнал. Најсмешни ми се „петоколонашите“ во Софија, стипендисти на чудни центри, кои цело време велат дека Македонија ја фалсификува историјата, но дека истата држава е спремна и направила фер и коректен попис.Ајде ако пописот е фер и не е манипулиран секој граѓанин да може да си земе официјален документ како е попишан! Време е да расчистиме со некои работи, прво во сопствениот двор!“, стои во реакцијата на Петар Колев.

Извор: Трибуна