Ако овој систем продолжи, до летото ќе има огромни разлики меѓу земјите-членки и тој јаз ќе се продлабочи уште повеќе, некои ќе достигнат до колективен имунитет за неколку недели, додека други ќе заостануваат многу, предупредуваат премиерите на Австрија, Чешка, Словенија, Бугарија и Латвија
Пет премиери на земјите-членки на ЕУ, меѓу кои се и бугарскиот Бојко Борисов побараа ЕУ да свика итен самит поради несоодветната дистрибуција на вакцини против коронавирусот.
„Ако овој систем продолжи, до летото ќе има огромни разлики меѓу земјите-членки и тој јаз ќе се продлабочи уште повеќе. Некои ќе достигнат до колективен имунитет за неколку недели, додека други ќе заостануваат многу“, напишаа премиерите на Австрија, Чешка, Словенија, Бугарија и Латвија во писмото до претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
– Advertisement –
Тие бараат да се организира самит и да се договори поправедна дистрибуција на нарачаните вакцини, така што сите членки на ЕУ ќе можат да ги остварат своите програми и цели за вакцинирање на населението во вториот квартал од оваа година и да ги добијат вакцините на праведна основа.
Тие посочуваат дека некои земји имаат повеќе вакцини, меѓу другото, благодарение на одделните договори со производителите на вакцини.
„Се согласувам со Себастијан Курц дека испораката на вакцини во ЕУ мора да биде еднаква и фер. Додека не постигнеме минимална имунизација што е неопходна за да се запре вирусот, испораките мора да се делат меѓу земјите-членки според населението“, напиша чешкиот премиер Бабиш на Твитер.
Според него, праведно би било вакцините договорени од одделни земји директно со компаниите, треба да ја чекаат втората половина на годината.
Претходно во петокот, австрискиот канцелар Курц побара да се утврди која земја потпишала такви одделни договори за дополнителни набавки, бидејќи, на пример, Малта ќе добие трипати повеќе дози по глава на жител од Бугарија до летото, а Холандија двојно повеќе од Хрватска.
Сепак, критиките на австрискиот канцелар беа отфрлени, со образложениедека секоја земја-членка има можност да нарача од разни производители на вакцини колку што сака.
Чешка заостанува во ЕУ во однос на стапките на вакцинација, но не затоа што нема доволно вакцини, туку затоа што поради нејзините проблеми во системот за регистрација и дистрибуција на вакцините во земјата, не успеа да искористи една петтина, па дури и една четвртина од веќе испорачаните вакцини кои се наоѓаат во магацини.