Марјан Забрчанец открива колку траеше организацијата на настанот, како беа пренесувани македонските пратеници и во чии песни уживаше Коѕијас.
За Договорот од Преспа, кој беше потпишан пред пет години, на 17 јуни 2018 година, во малото село Нивици (Псарадес) на брегот на Преспанското езеро од грчка страна, познати се многу работи. Овој договор ги затвори долгогодишните отворени прашања околу името на Република Македонија со Грција и ги отвори вратите на нашата земја за членство во НАТО. Потпис на договорот ставија тогашните министри за надворешни работи на двете земји, Никола Димитров и Никос Коѕијас во присуство на тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, како и посредникот во преговорите Метју Нимиц, поранешниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан, поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и други високи меѓународни претставници, како и претставници на двете земји.
Денеска, кога се одбележува петгодишнината од потпишувањето на овој, според многумина историски договор и модел за мирно решавање на споровите, малку познати детали открива Марјан Забрчанец, сегашен национален координатор за Отворен Балкан и за регионални иницијативи, а кој тогаш раководeше со владиниот комуникациски сервис, најпрво како посебен советник за односи со јавност на премиерот, а потоа и како национален координатор за стратегиски комуникации и за спроведување на комуникациската стратегија на Владата.
„Организацијата на настанот траеше само два и пол дена, од четврток попладне до недела наутро“, вели Забрчанец за Независен.
„Премиерот Заев ни соопшти дека Договорот е целосно усогласен и дека е потребно да се организира голема церемонија за потпишувањето. Заев и Ципрас имаа договорено дека локацијата е Преспа, а јас и колегата Дане Талески, заедно со кабинетските тимови имавме задача да осмислиме сценарио и да ги преземеме сите подготовки. Со колегите од кабинетот на Ципрас се сретнавме во Нивици во четвртокот попладнето и целата подготовка и организација на церемонијата на двата брега од езерото ја завршивме за два и пол дена. Потпишувањето се случи во неделата, 17 јуни на пладне“, вели тој.
Македонските пратеници беа пренесувани со чамци
Тој додава дека поради протести и блокади во Грција, македонските пратеници не успеаа да стигнат на време на церемонијата, па мораа со бродови да бидат пренесени од Нивици во Отешево.
„Македонските пратеници, во неделата на 17 јуни, рано утрото со организиран автобуски превоз тргнаа од Скопје кон Нивици за да присуствуваат на чинот на потпишувањето. За жал, поради протестите и блокадите на патиштата предизвикани од грчките националистички противници на договорот, нашите пратеници во Нивици пристигнаа откако заврши церемонијата и откако главните протагонисти веќе беа пристигнати во Отешево“, вели Забрчанец.
Тој додава дека тоа бил момент на големо разочарување за пратениците.
„Но, тоа брзо го решивме. Во координација со колегите од грчкиот протокол брзо ги активиравме грчките гумени (полициски или водени) чамци и со неколку тури пратениците ги пренесовме од Нивици до Отешево, за да се придружат на заедничкиот ручек и да го честитаат потпишувањето на договорот“, вели Забрчанец.
Коѕијас уживаше во „Везилке“ на „Фолтин“
На завршната церемонија во Отешево свиреа „Фолтин“, а Коѕијас уживаше во „Везилке“ и во каверите на Боуви, се потсетува Забрчанец.
„Завршната церемонија, заедничкиот ручек, се одржа на македонска територија, во хотелот Lake View во Отешево. Македонска храна и ‘Фолтин’. На Могерини и на Нимиц им беше роденден. Се послужи торта, а Коѕијас танцуваше на ‘Везилке’ и на каверите од Дејвид Боуви во изведба на ‘Фолтин’“, вели Забрчанец.
Штама и солзи меѓу претставниците на медиумите
Тој додава дека кога стигнале од Нивици во Отешево, бил меѓу првите што се симнале од бродот и пристапија на копно.
„Снимателите, репортерите и фотографите веќе беа на позиција за да ги дочекаат Заев, Ципрас и делегациите. Настапи целосна штама, неверојатен молк на локација на која имаше повеќе од 300 луѓе. Се слушаа само воздишки и ветер. Кај дел од медиумските претставници беа видливи солзи“, вели Забрчанец.
Кабинетите на Заев и Ципрас функционираа како едно
Забрчанец вели дека со оглед на краткиот период за организација, подготовките бараа целосна доверба и координација меѓу кабинетот на Заев и кабинетот на Ципрас.
„Довербата беше на високо ниво, за сите активности на двете страни од езерото си пруживме целосна поддршка и од логистички и од комуникациски аспект. Тој процес создаде трајни пријателства меѓу нас и колегите од Грција кои траат до ден денес и верувам ќе траат и натаму низ годините пред нас“, вели Забрчанец за Независен.
Инаку, Договорот од Преспа официјално стапи во сила на 12 февруари 2019 година, осум месеци по потпишувањето и откако беше ратификуван во нашето Собрание и во грчкиот Парламент.
Согласно договореното, Република Македонија се преименуваше во Република Северна Македонија, државјанството стана македонско/државјанин на Република Северна Македонија, а јазикот македонски. На решението му претходеа преговори што траеја 27 години.
Со Договорот, за нашата земја се отвори патот кон НАТО и ЕУ, но исто така доби сосед – пријател и сојузник, унапредувајќи ги билатералните односи на завидно ниво, како политичките, така и економските. (Н.Р.)
Превземено од Независен.мк