Денеска во Кочани се одбележуваат пет месеци од трагичниот настан во ноќниот клуб „Пулс“, каде што животот го загубија 62 млади лица, а над 200 беа повредени, физички и психички. Во 18:05 часот ќе започне осумнаесеттиот по ред „Марш на ангелите“ – време кое симболично ја претставува „задоцнетата и, за жал, фатална институционална реакција на надлежните“.
Настанот ќе ги собере граѓаните, семејствата и пријателите на загинатите, кои ќе им оддадат почит и ќе испратат порака дека „нема да се откажат додека не биде постигната правда за нивните деца“.
Организаторите нагласуваат дека „Маршот на ангелите“ е и континуиран повик до државните институции за одговорност, транспарентност и спречување на слични трагедии во иднина. Очекувањата се за масовно присуство на граѓани од Кочани и поширокиот регион, со цел да се поттикне свеста за потребата од строга примена на безбедносните стандарди во ноќните клубови и јавните простори.