Пет лица се уапсени и обвинети за киднапирање на кучињата на Лејди Гага и нанесување сериозни физички повреди на шетачот на миленичињата на ѕвездата во Холивуд во февруари, пренесуваат странските медиуми.
Тројцата уапсени се млади момчиња кои се обвинети за кражба на кучињата и обид за убиство на шетачот на миленичиња, изјави јавниот обвинител Џорџ Гаскон од Лос Анџелес.
„Тоа е бесрамно злосторство на јавно место каде еден човек беше сериозно повреден“, изјави Гаскон.
Уште две лица се обвинети за соучество, а една од нив е и жената која ги вратила француските булдози два дена по кражбата.
50-годишната Џенифер МекБрајд тогаш рече дека ги пронашла на улица и ја контактирала Лејди Гага, која за време на настанот снимаше филм во Рим, но преку медиумите вети дека оној кој ќе ѝ ги врати нејзините кучиња ќе добие награда од 500.000 американски долари.
МекБрајд била во врска со петтоосомничениот, таткото на тројцата напаѓачи и требало да ја земе наградата, соопшти полицијата.
Кученцата на Гага, Коџи и Густав, беа киднапирани на 24 февруари и покрај отпорот на нивниот шетач, вработен од страна на пејачката, кој беше застрелан од напаѓачите. Киднаперите двете кучиња ги ставиле во автомобилот, третото успеало да избега, а потоа се вратило до ранетиот шетач Рајан Фишер.
„Бев многу близу до смртта“, во едно интервју рече 30-годишниот Фишер.
Полицијата во четвртокот истакна дека осомничените знаеле за високата цена на расата на кучињата, бидејќи француските булдози се релативно ретка и барана раса и може да се продадат за неколку илјади долари.
Тројца браќа, 18-годишниот Џејмс Џексон, 19-годишниот Џејлин Вајт и 27-годишниот Лафејет Валеј се обвинети за обид за убиство, грабеж во обид и грабеж од втор степен, а МекБрајд и петтиот обвинет 40-годишниот Харолд Вајт за соучесништво.
Сите петмина се изјаснија за невини во четвртокот, а следното рочиште е закажано за 11 мај.