Шефот на ковид центарот во Тетово, д-р Гзим Нуредини за Фактор истакна дека денеска имаат многу приеми, а информира и за 5 починати пациенти, меѓу кои и една млада жена.
„Во тетовскиот ковид-центар се лекуваат вкупно 124 пациенти. За жал, од вчера наутро до денеска утринава имаме пет починати пациенти, меѓу кои млада 39-годишна жена. Кај неа има историја на ендокринолошка состојба, станува збор за тироидната жлезда, но мора да потенцирам дека нејзината претходна здравствена состојба е целосно контролирана и без никакви проблеми. Донесена е со сатурација 45, во исклучително тешка состојба и за жал по неколку дневно лекување во болницата, почина. И последните петмина починати се невакцинирани пациенти“, вели д-р Нуредини.
Нуредини истакнува дека е сигурен оти никој ништо не слуша, не чита, не гледа телевизија бидејќи ако било поинаку, можеби ќе имало подобра ситуација.
„Но, она што го констатираме секој ден, ние лекарите од Тетово, нам секој ден ни „умира по едно комбе“, кое има капацитет од 5 до 10 луѓе. Тоа е премногу. Сите починати се невакцинирани против болеста. Паролата што во моментов ја смислив, еве додека разговарам со вас е: „Невакцинирањето е злобно, тој што не се вакцинира, освен себе, убива и други луѓе“. Навистина не знам веќе дали воопшто има начин луѓето да разберат колку е сериозна и алармантна состојбата ако некој невакциниран се зарази со корона вирусот и настанат компликации“, посочува д-р Нуредини за Фактор.