Франција, Германија, Италија, Полска и Обединетото Кралство најавија дека сакаат да преземат поголема одговорност за безбедноста на Европа преку создавање „поевропски НАТО“. Изјавата беше усвоена по состанокот во Краков, каде министрите за одбрана нагласија дека НАТО останува темел на колективната одбрана, но дека европските земји треба повеќе да придонесуваат.
Петте држави (формат Е5) се обврзаа на дополнително зајакнување на одвраќањето и одбраната со цел спречување евентуална руска агресија и справување со безбедносните закани. Тие повикаа и на „праведна распределба на товарот“ меѓу сојузниците.
Во фокус е и зголемувањето на издвојувањата за одбрана. Полска веќе издвојува 4,48% од БДП, додека Франција, Италија и Шпанија се околу 2%. Прашањето за трошоците ќе биде клучно и на самитот на НАТО во 2025 година во Хаг.
Лидерите нагласија дека секој мировен договор меѓу Украина и Русија мора да биде придружен со „цврсти“ безбедносни гаранции за Киев. Според нив, силна украинска армија е првата гаранција за траен мир, а евентуален прекин на огнот не смее да стане вовед во нова агресија.
Текстот Пет големи европски земји: „Сакаме поевропско НАТО“ е превземен од МАКФАКС.























