Паролата „Нема правда, нема мир“, која се уште е актуелна, настана пред пет години за време на протестите на „Шарената револуција“ против владеењето на Никола Груевски. Пет години подоцна, голем број од најистакнатите членови на таа револуција се вклучени во извршната или законодавната власт. Но, паролата „Нема правда, нема мир“ може слободно без проблеми да се користи и денеска.

12 април 2016 година. Пред точно пет години, одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да аболицира 56 политичари и нивни соработници беше доволна причина да извади на улица голем број на револтирани граѓани.

Неколку часа откако Иванов ја соопшти одлуката, демонстранти ја нападнаа канцеларијата на претседателот во центарот на Скопје.

По овој инцидент следуваа протести со фрлање боја кон државните институции кои според критичната маса, носеа криминални одлуки против граѓаните. Министерството за правда, Министерството за надворешни работи, Собранието, Министерството за финансии, спомениците од барокните згради од проектот Скопје 2014 беа обоени со боја.

Но дали и колку револуцијата успеа да донесе слобода и да тргне со конкретни чекори во департизација на целиот систем?

Голем  број од оние кои што учествува во Шарената Револуција, сега се дел од извршната власт. Некои беа во Собранието, поранешни пратеници, како Павле Богоевки и Ивана Туфегџиќ, а голем број сега се дел од Владата во улога на советници на премиерот, или работат по разни министерства.

Еден од најактивните учесници на протестите беше и Бојан Маричиќ, сегашен министер за правда.

-Велевме „Нема правда – Нема мир“. Сега од позиција на министер, функција на која сум неколку месеци, чувствувам огромна одговорност, но и задоволство што заедно со Владата работиме на зацврстувањето на правната држава и враќањето на довербата на граѓаните во правниот систем.

Оваа борба за мене е уште жива и е водилка која ни покажува дека никогаш не смееме да го изгубиме фокусот од правдата како фундамент за секое развиено и модерно општество, напиша Маричиќ на Фејсбук.

Дел од протестите на Шарената револуција беа и високи политичари на СДСМ. И тие тогаш гаѓаа со боја кон институциите. Денеска велат останале доследни на барањата на тие протести.

-„Шарена револуција“ предизвика огромни промени во македонската политичка и општествена реалност. Процеси кои потоа поминаа низ институционалната рамка откако претходеа реформи во правосудството, во изборниот законик, во медиумите и во јавната администрација.  Владините политики од 2017 наваму останаа доследни во почитувањето на барањата и заложбите на „Шарената револуција” и во однос на аболицијата на поранешниот претседател Иванов, чин што предизвика револт и беше последната капка што ја поттикна оваа серија протести на граѓаните, порача Зоран Заев.

Но, се чини дека единствениот политичар кој силно ја подджуваше Шарената револуција, а кој тврди дека од позиција на сегашна власт ги разочарале членовите и учесниците на таа револуција е претседателот Стево Пендаровски. Тој неодамна во емисијата „Клик Плус“ на Тв21 изјави.

Бев носител на пратеничка листа во првата изборна единица и зборував цело време дека нема правда нема мир, и тоа беше главниот слоган на таа Шарена револуција. Но, ние ги разочаравме тие луѓе и треба да ја преземеме одговорноста, изјави Пендаровски.

Пет години подоцна останаа само сеќавањата на таа Шарена револуција. Голем дел од тие учесници на Шарената револуција, кои секако не влегоа во политички води, а останаа доследни на граѓанскиот активизам сметаат дека ниту денеска „Нема правда, нема мир“.