На денешен ден 30. септември во 2018 година се одржа референдум со прашање: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“.

Одлуката на референдумот не беше усвоена, поради тоа што не гласаа повеќе од половината граѓани запишани на избирачкиот список, пишува ТВ 21.

Од вкупно 1.806.336, на референдумот излегоа 666.743 граѓани, од кои 609.813 гласаа „ЗА“, а 37.700 гласаа „ПРОТИВ“, додека 19.230 ливчиња беа прогласени за неважечки.

Владината коалиција тогаш предводена од Зоран Заев го поддржа референдумот. Многумина функционери, амбасадори и ЕУ водачи дадоа поддршка за референдумот. Од друга страна опозициската ВМРО-ДПМНЕ се закани дека ќе го бојкотира референдумот. Лидерот Хриситјан Мицкоски само неколку дена пред референдумот излезе со изјава во која кажа граѓаните да гласаат според сопственото убедување, и дека партијата ќе ги почитува мислењата.

Тогашниот претседател Ѓорге Иванов го осуди договорот и ги повика сонародниците да го бојкотираат референдумот.

Договорот од Преспа меѓу Грција и Македонија беше потпишан на 12. јуни 2018 година за промена на името на државата во „Северна Македонија“ и решавање на повеќедецинискиот спор со името. Откако не успеа референдумот, се собра 2/3 мнозинство во парламентот за уставни измени и промена на името.