Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, заедно со вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ и министерката за образование и наука Весна Јаневска учествуваше на денешната панел-дискусија „Ги градиме темелите на промените. За твоето време кое доаѓа“, организирана по повод една година од работата на Владата.
Министерството за локална самоуправа со години било ставено во сенка, без јасна улога и без вистинска поддршка, истакна Перински, но Владата одлучила да ја врати неговата суштинска мисија, тоа да биде мост помеѓу централната власт и општините и клучен двигател на рамномерниот регионален развој.
Перински посочи дека Министерството за локална самоуправа во изминатава една година посветено и со јасна визија пристапило кон анализа на затекнатите состојби на локално ниво, а притоа биле идентификувани сите пропусти и работеле на препознавање на потребите на граѓаните и општините. Како резултат на тоа, посочи Перински, Министерството реализираше и поддржа конкретни решенија кои директно веќе ги подобруваат условите за живот во локалните заедници од областа на транспортот, животната средина и енергетската ефикасност, до културата, спортот, образованието, туризмот и социјалната политика.
„Овие резултати се реализирани преку програмите за рамномерен регионален развој, за намалување на диспаритетите меѓу и во рамките на планските региони и за зголемување на регионалната конкурентност, како и преку потпрограмата за инфраструктурни проекти во општините. Реалност станува и дигитализацијата на општинските услуги, со поставени јасни патокази за полесен пристап до услуги и зголемена отчетност на локалните власти. Посебно значајно е тоа што, по повеќе од две децении, Министерството иницираше суштински измени на Законот за локална самоуправ со цел унапредување на директната демократија и транспарентноста. Поставуваме темели на промени што ќе обезбедат подобро функционирање на системот на локалната самоуправа. Целта е јасна, пофункционални општини и позадоволни граѓани“, заклучи Перински.