Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, по повод 5.септември, Меѓународниот ден на донаторството, го посетил СОС Детското село, кое под мотото „Ниедно дете не треба да расте само“, веќе 20 години обезбедува грижа и поддршка на децата без родителска грижа и на оние кои се изложени на ризик да ја загубат грижата од своите семејства.

На неформалната средба, министерот со претставниците на СОС Детското село разговарал за тековните активности на организацијата, за предизвиците со кои се соочува, како и за можностите за развивање на социјални услуги во заедницата за подобрување на квалитетот на секојдневието и инклузијата на децата без родителска грижа.

Како што соопштија денеска од Министерството за локална самоуправа, од организацијата посочиле дека со цел да се обезбеди континуитет и одржливост во обезбедувањето на социјалните услуги на локално ниво, неопходно е да се создаде еден вид трипартитна коалиција помеѓу општините, бизнис заедницата и граѓанскиот сектор, како би постигнале побрз и поголем напредок во своето делување.

Министерот Перински изразил безрезервна поддршка на мисијата на организацијата и дал уверување дека на него можат да сметаат како на нов стратешки партнер кој во рамки на своите ингеренции ќе помогне СОС Детско село да делува и во пошироки рамки.

– Како човек и како министер ќе се заложам вашата благородна мисија да ја почувствуваат сите деца на кои им е потребна поддршка, таа да се прошири во сите региони. Со оглед на мојата комуникација со сите плански региони и општини, ќе иницирам општините секоја во рамки на своите можности и расположливи средства и ресурси, да изгради партнерски односи со вас и да ви помогне согласно мапираните потреби. Верувам дека градоначалниците ќе ја препознаат и несомнено ќе ја поддржат важноста на вашата мисија, а тие со тоа ќе станат општествено одговорни и ќе помогнат на најранливата категорија во општеството, истакнал министерот на средбата и се согласил дека неопходно е продолжување на социјалните реформи, како и на процесот на деинституционализацијата на системот на социјална заштита.

Од СОС Детското село посочувајќи дека процесите мора да продолжат, потенцирале дека замо со заедничка соработка и вклучување на сите засегнати страни во креирање, унапредување и спроведување на регулативата и јавните политики, можеме да очекуваме одржливи и достапни социјални услуги за граѓаните во социјален ризик.

Во моментов, СОС Детско село, спроведува лиценцирани социјални услуги, поддржува 74 згрижувачки семејства во кои се згрижени 142 деца, а својата мисија, меѓудругото, ја остварува и преку Центар на згрижувачки семејства, покривајќи ја територијата на три плански региона, скопски, вардарски и југоисточен регион. СОС Детско Село имплементира проект за вклучување на младите на пазарот на трудот и обезбедување на долгорочно вработување во којшто Општините Гази Баба, Струмица, Кавадарци, Прилеп, Тетово и Штип се јавуваат како стратешки партнер.

На средбата на која присуствувал и градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, од СОС Детско село истакнале дека оваа општина е пример како една локална самоуправа може да делува во зајакнување и унапредување на капацитетите и делувањето на организацијата.

– Ме радува иницијативата и заложбата на министерот Перински да помогне да се обезбеди континуитет и одржливост во обезбедувањето на социјалните услуги на локално ниво. Познавајќи го и лично, верувам дека зборовите ќе ги преточи во дела, истакнал градоначалникот Стефковски, кој е долгогодишен соработник и поддржувач на СОС Детското село.

При посетата, дечињата добиле мали изненадувања, а тие за возврат на министерот и градоначалникот им подарија благодарница и кретивни изработки.