По повод една година од формирањето на Владата, министерот за локална самоуправа Златко Перински нагласи дека Министерството ја потврдило својата улога како двигател на рамномерен развој и партнер на секоја општина и секој граѓанин.
„Направивме реална проценка на состојбите на терен и увидовме дека на општините им е потребен енергетски поттик за да се заживее локалната економија и да се подобри инфраструктурата“, истакна Перински.
Рекордна распределба на јавни средства
Преку Потпрограмата АА за инфраструктурни проекти во општините, беа аплицирани околу 1200 капитални проекти, со вкупна инвестиција од 20 милијарди денари. Во рамки на првиот јавен повик за 2024 година се финансирани 288 проекти, а на вториот повик се одобрени 829 проекти во вредност од речиси 14 милијарди денари.
Поддршка за рамномерен развој
Во 2024 и 2025 година, преку Програмата за рамномерен регионален развој, се поддржани 176 проекти насочени кон подобрување на состојбите во планските региони, селата и урбаните средини. Дополнително, преку Програмата за намалување на регионалните диспаритети, одобрени се 38 проекти во вредност од над 87 милиони денари.
Во партнерство со Швајцарската агенција за развој и соработка, завршени се 10 регионални проекти, меѓу кои реконструкција на болници, домови за стари лица и превенција од пожари.
Дигитализација и ЕУ-поддршка
Министерството активно работи на дигитализација на општинските услуги, во координација со Министерството за дигитална трансформација. Паралелно, во соработка со Делегацијата на ЕУ, се спроведуваат осум проекти во финална фаза со вкупна вредност од над 336 милиони денари – меѓу нив: „Чист Аеродром“, „Зелена Општина Охрид“ и „Паметен велосипедски град Струмица“.
Законски измени и нови иницијативи
Завршена е постапката за измена на Законот за локална самоуправа, со акцент на локалната демократија и можноста за отповикување на градоначалник, во согласност со препораките на Венецијанската комисија.
Покрај тоа, Министерството работи на формирање Ресурсен центар за поддршка на општините, со фокус на административна обука, проектен менаџмент и дигитална трансформација. За оваа намена се предвидени 5 милиони денари.
Преку ИПА 3 – проекти со соседите
Активни се програми за прекугранична соработка со пет соседни земји – Грција, Бугарија, Србија, Албанија и Косово. Како стратешки важни, Перински ги издвои проектите за граничните премини Клепало и Маркова Нога, со потенцијал за економски развој и поттикнување на туризмот.
„Сѐ што спроведовме оваа година е насочено кон унапредување на квалитетот на живот на сите граѓани. Ќе продолжиме посветено да одговараме на нивните реални потреби и очекувања“, порача министерот Перински.