Во рамки на караванот „Каде што срцето е дома“, министерот за локална самоуправа, Златко Перински, оствари работна средба со градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски и членовите на Советот на општината. Разговорите беа насочени кон клучните приоритети на општината, тековните инфраструктурни активности, како и кон можностите за дополнителна поддршка преку Ресурсниот центар за поддршка на развојот на општините, кој обезбедува експертиза, насоки и техничка помош согласно потребите на локалната самоуправа.

Општина Карпош, преку потпрограмата АА за инфраструктурни инвестиции во општините, во рамки на двата јавни повика доби средства во вкупна вредност од 694.970.635 денари, наменети за финансирање на 24 проекти. Овие проекти опфаќаат интервенции во локалната инфраструктура, изградба и реконструкција на спортски сали и градинки – инвестиции кои директно го подобруваат квалитетот на живот за жителите на општината.

„Карпош е пример за современа урбана општина со активна заедница, силни локални иницијативи и граѓани кои активно учествуваат во креирањето на локалните политики.“, нагласи Перински.

Градоначалникот Сотир Лукровски ја поздрави иницијативата за информативно-координативна средба со која се утврдија неколку приоритети кои директно ќе влијаат врз ефикасното работење на Министерството за локална самоуправа и општините.

Текстот Перински: Еднаква поддршка за сите – урбаните општини имаат целосен пристап до услугите на Ресурсниот центар е превземен од МАКФАКС.