Гласањето на изборите треба да биде должност и чест на секој граѓанин. Гласам за демократија и просперитет на бугарскиот народ, како во Бугарија, така низ светот и во Македонија. Треба да се гласа по слободна волја и по сопствен избор. Тоа е основата на секоја демократија, а бугарското општество е познато по своите демократски и напредни размисли. Ова за порталот Трибуна го изјави познатиот публицист Владимир Перев.

Перев го искористи своето право на глас во Амбасадата на Република Бугарија во Скопје и изрази очекување дека овие парламентарни избори ќе бидат последни во долгата и измачувачка поредица од избори за бугарски парламент. Тој очекува формирање на стабилна влада во Бугарија.

„Очекувам овие избори да бидат последни во долгата и измачувачка поредица на избори кои не го дадоа својот продукт-формирање Влада на Р. Бугарија. Очекувам сега да биде формирана стабилна влада која ќе ги спроведе одамна зацртаните промени во бугарското општество“, вели Перев.

Тој подвлече дека Бугарите во РС Македонија очекуваат во Софија да се формира влада и истата да продолжи да ги развива односите со Скопје врз база на веќе изгласаната декларација од поранешниот пратенички состав и секако врз т.нар. француски предлог за влез на РС Македонија во ЕУ.

„Бугарите во РС Македонија очекуваат формирање влада во Софија. Тоа ќе биде првиот знак за просперитет во односите меѓу двете држави. Очекувам новата влада да се придржува и да ја потврди Декларацијата на Парламентот и да продолжи да ги развива односите со Македонија врз основа на таа Декларација како и врз, популарно кажано, Францускиот предлог за влез на Македонија во ЕУ и за внесување на македонските бугари во Уставот на РСМакедонија“ истакна Перев за порталот Трибуна.