Финансиска помош за пензионерите од по 1000 денари за април, мај и јуни и промена на методологијата за усогласување и пораст на пензиите, договорија Владата и претставници на Сојузот на здруженијата на пензионерите и Партијата на пензионерите. Од Владата велат дека со новата методологија ќе се креира модел кој ќе овозможи усогласување и пораст на пензиите кои нема да зависат од политичката волја на која било власт. Пензионерите се задоволни со решението, бидејќи со него, како што велат, се утврдува дека пензиите се економска, а не социјална категорија.
Финансиската поддршка за пензионерите, како што појасни синоќа по средбата премиерот Димитар Ковачевски, се обезбедува заради економската криза која е предизвикана и од КОВИД-пандемијата, но и од конфликтот меѓу Украина и Русија.
Заради енергетската криза и заради економската криза која произлегува, како од корона-кризата, така и од војната која што се води во Украина, се договоривме Владата да исплати финансиска помош на сите пензионери од по 1.000 денари за три месеци – април, мај и јуни, што треба да помогне во зголемувањето на буџетот на пензионерите, истакна премиерот.
Тој истакна дека на средбата се договориле да го прифатат предлогот на пензионерите за воведување нова методологија за порастот на пензиите врз основа на таканаречена швајцарска формула односно учество на 50 отсто зголемување на трошоците на живот и 50 отсто учество на порастот на минималната плата.