– Група пензионери од Тетовско денеска пред објектот на Здружението на пензионери јавно го изразија револтот од ниските пензии и дадоа поддршка на барањата за зголемување на пензиите. И тие, како и пензионерите во другите градови, бараат да има промена во Законот за пензиско и инвалидско осигурување и да се зголемат пензиите линеарно за 3000 денари.
– Кога можеа за функционерите 78 отсто да ги зголемат платите, нека најдат начин линеарно за покачување на пензиите. Ние сме свесни дека тие што излегле со високи пензии плаќале повисоки придонеси. Но сега сме сите исти, сме пензионери и нека биде линеарно зголемувањето, пазарот за сите е ист. Никој не нè прашува во продавница дали земаме повисока или пониска пензија. Со европско знаменце многу закони сменија, така и ние бараме со европско знаменце да се смени законот и да има исто зголемување за сите. Јас пример земам солидна пензија, ама треба да мислиме и за тие што земаат по 10-11 илјади денари пензија. Со таа пензија некои од нив ни лекови не можат да си купат, изјави пензионерката Дивна.
Според пензионерката Летка, над 20 илјади денари треба да зема секој пензионер, и пензиите да се зголемуваат исто како и платите за политичарите.
-Не стигаат пензиите, сите знаете, сите имате пензионери дома, дошло 3000 илјади денари пензија, а каде е вода, па телевизија, телефон. Викаат телефон било луксуз. Па нека ни дадат и нас без пари телефони како во Владата. Ние не сме ли придонеле за оваа држава. Храна? Па земаат пензионерите по 100 грама кашкавал месечно. Да се засрамат политичарите. За нив се може, без пари коли, а пензионерите, што, зарем да умрат. Секој сака да оди на бања, работничката класа и на одмор не ни била, изјави оваа пензионерка.
Претседателот на Здружението Селвер Мемети рече дека во Тетово е карактеристично тоа што има многу пензионери со ниски пензии затоа што имало многу фабрики со ниски плати.
– Сите што протестираа кои имаат ниски пензии имаат право да протестираат. Навистина пензиите се многу ниски. Со тоа што јас ги поддржувам, да има линеарно зголемување, бидејќи нема посебни продавници за ниски пензии, а други за оние со повисоки пензии. Тие се еднакви за сите, затоа да има зголемување за сите по 3000 денари. Во Тетово карактеристично е што има многу ниски пензии, тука биле фабрики со ниски плати и затоа добиле ниски пензии и затоа имаат потреба од помош, изјави Мемети.
Додека беа собрани пензионерите во Здружението стигна дописот од Сојуз на здруженија на пензионери со препораки и мислења.
– Сојузот подготви предлози за зголемување на најниски пензии кое предлагаме да се реши во рамки на пензискиот систем, а не со посебен закон, се вели во дописот.
Оттаму информираат дека од изминатиот период се презеле повеќе активности за подобрување на материјалната состојба на корисниците на ниски пензии.