Добро е што Европската Унија се обидува повторно да се фокусира на Западниот Балкан и при тоа го држи во фокусот на фокусот нашето прашање, вели претседателот Стево Пендаровски во интервју за МИА во однос на Самитот ЕУ- Западен Балкан во Брдо кај Крањ во Словенија.
Во интервјуто дадено за МИА во Атина паралелно со одржувањето на Самитот во Словенија, шефот на државата коментира дали и колку се важни ваквите иницијативи за надминување на бугарската блокада и отворање на патот кон одржување на првата меѓувладина конференција.
– Во овој случај не станува збор за некоја посебна иницијатива, станува збор за едно регуларно собирање на државите од Западниот Балкан со земјите членки на Европската Унија, што е пракса наназад со години. Меѓутоа, ова што во вашето прашање го споменувате, станува збор за неколку иницијативи, внатре во рамки на тој Самит, така да наречам, од држави пријатели на Западниот Балкан, не само на Северна Македонија, кои се обидуваат некако да креираат амбиент во кој ќе може да се дојде до пробив во однос на овој познат спор, поради кој Бугарија нè блокира за почеток на преговорите. Она што го знам до овој момент, иако Самитот сè уште трае, такви иницијативи веќе има, има неколку средби одржано на таа тема, меѓу влијателни земји членки на Европската Унија и нашите претставници таму. Исходот не го знам, ќе треба да почекаме до крајот на Самитот. Меѓутоа, добро е што Европската Унија се обидува повторно да се фокусира на Западниот Балкан и при тоа го држи во фокусот, во фокусот на фокусот нашето прашање. Бидејќи објективно, знаете дека ние одамна ги исполнивме сите услови, ова дојде како гром од ведро небо, блокадата од Бугарија, која практично на ланскиот, мартовскиот Совет на Европската Унија даде зелено светло и подоцна почна да ги испоставува овие дополнителни услови, рече Пендаровски.
Целото интервју на претседателот Стево Пендаровски од Атина, по средбите со грчкиот државен врв, а кусо пред неговото заминувањето од Грција, МИА ќе го објави утре.