Советот за безбедност одржа состанок со кој раководеше претседателот на државата Стево Пендаровски, а на кој присуствуваа премиерот, првиот вицепремиер, министерот за внатрешни и за одбрана и други. Освен ситуацијата во Украина и безбедноста на државата, се разговарало и за други теми. Една од нив е преговорите со Бугарија. По средбата Пендаровски порача дека Уставот не треба да се отвора премногу често, туку кога навистина има неопходна потреба од такво нешто.
-Прашање е дали сега ни треба какво било отворање на Уставот, ако ме прашате мене, не ни треба. На Република Северна Македонија не и треба преотворање на највисокиот правен акт, а понатаму, меѓутоа само со апсолутен консензус на сите политички фактори во Собранието, би требало да го направиме тоа“, вели Пендаровски.
Претседателот ја коментираше и неодамнешната средба со претставници на ОМО Илинден Пирин и други здруженија на Македонци во Бугарија, којашто предизвика реакција на бугарското Министерство за надворешни работи, кое оцени дека тавата средба е во спротивност со договорот за пријателство во 2017 година.
„Средбата не беше спротивна на договорот. Ако некому му пречи, тоа не е мој проблем“, вели шефот на државата и додава: „Не мислам дека има нешто лошо во тоа и напротив ќе продолжам да се среќавам и со тие луѓе. Од друга страна, мојот колега, претседателот на Бугарија Румен Радев во повеќе наврати прими граѓани на Република Северна Македонија со бугарско самочувство кои живеат тука, ги прими во Софија и апсолутно не гледам што е проблемот и во таквите средби“.
Пендаровски објасни дека на средбата со ОМО Илинден Пирин им дал директен одговор дека не може да им наложува на бугарските институции што да прават затоа што тие се државјани на Бугарија. Но, исто така порачал дека и за Бугарите кои живеат во Северна Македонија надлежни се македонските институции, а не бугарските.
„Им реков : ‘Јас можам да ве лажам, јас можам да добивам популистички поени и рејтинг во јавноста да градам и да кажам, јас сега ќе ви помогнам тоа што не сте го направиле досега па место бугарските институции јас ќе ви ги овозможам тие права’. Тоа би било огромна измама од моја страна и не сакам да играм дупло со тие луѓе кои се прилично измачени по трагањето по своите човекови слободи и права децении наназад“, рече Пендаровски.