Претседателот на државата Стево Пендаровски утрово положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје.

Пендаровски му оддаде почит на Делчев по повод 152-годишнината од раѓањето.

На вечното почивалиште на Гоце Делчев цвеќе положи и делегација на техничката Влада, предводена од првиот вицепремиер задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, во чиј состав се министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска и заменик министерот за транспорт и врски Беким Реџепи.

Цвеќе положи и делегација на Собранието, предводена од потпретседателот Горан Мисовски. Во состав на делегацијата се Марија Георгиевска и Велика Стојкова-Серафимовска.

Почит на Делчев му одадоа и поранешниот премиер и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски, поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, претставници на дипломатскиот кор, како и претставници на повеќе политички партии и граѓански здруженија.

Чествувањето почна со панихида со која чиноначалствуваше г.г. Стефан во сослужение на повеќемина свештенослужители на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.