„Заедничката прослава за Св. Кирил и Методиј од страна на Бугарија и РС Македонија е добар симболичен гест од двете страни, кој може да ја подобри атмосферата пред претстојните преговори во однос на блокадата за членство во ЕУ“, изјави македонскиот претседател Стево Пендаровски кој ќе патува за Рим во еден ист авион со претседателот на Бугарија Румен Радев.
„Нашето заедничко патување и нашите средби во Ватикан не се поврзани со решението на спорот. Предлогот на претседателот Радев е од пред еден месец, и мислев дека е добро во бугарскиот државен авион да ја собереме целата делегација од Скопје и таа од Бугарија за заедничката прослава. Поради тоа ова не е ништо ново. Поради здравствените протоколи не можевме да отидеме точно на денот 24 Мај, туку ќе го направиме тоа на 26-27 мај“, вели Пендаровски во одговор на новинарско прашање.
Пендаровски вели дека бидејќи ќе поминат многу време со претседателот Радев, неизбежно ќе се говори и за проблемот, но тие разговори подвлекува Пендаровски ќе бидат неформални. Пендаровски додава уште дека разговорите со Радев ќе останат во рамките на претходниот телефонски разговор со бугарскиот претседател од пред неколку месеци.
„Тогаш проведовме долг разговор по темата, секој остана на своите позиции и јас ја информирав јавноста за тоа. Сметам дека Радев има поумерена реторика со која ги објаснува бугарските позиции и очекувам разговорот со него да биде џентлменски“, изјави Пендаровски за време на посетата на пунктот за вакцинација во Куманово