Претседателот на државата Стево Пендаровски во Њујорк оствари средба со претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер, за време на посетата на САД по повод учеството на 76. Генерално собрание на Обединетите нации.
– Двајцата претседатели разменија мислења и информации за актуелните состојби во двете држави. Претседателот Штајнмајер изрази најдлабоко сочувство за трагедијата во тетовската модуларна болница, соопшти Кабинетот на Пендаровски.
![]()
Шефот на државата му се заблагодари на претседателот Штајнмајер за неговите лични напори и ангажман, како и за континуираната германска поддршка за нашата европска интеграција.
-Претседателот Пендаровски нагласи дека градењето пријателски релации со Германија, основани на искрен и доверлив пристап, се од исклучително значење за Република Северна Македонија. Во тој контекст, соговорниците разменија мислења и информации за најновите случувања поврзани со нашата европска интеграција и констатираа дека отпочнување пристапни преговори на Северна Македонија со Европската Унија позитивно ќе влијае на севкупната општествено-политичка клима кај нас и ќе значи дополнително стабилизирање на состојбите и просперитет на регионот, наведува Кабинетот на Пендаровски.
Во соопштението се додава дека Пендаровски и Штајнмајер разменија мислења и информации и за последните случувања во регионот на Западен Балкан.























