Претседателот на државата Стево Пендаровски досега нема добиено предлог од владините коалициски партнери за пополнување на амбасадорските места во Вашингтон и во Брисел.
Пендаровски се надева дека разговорите меѓу владините партнери се во завршна фаза.
-Според мои информации, веќе се почнати разговорите меѓу владините коалициски партнери за пополнување на амбасадорските места во Вашингтон и Брисел. Се надевам дека преговорите се во завршна фаза. Тие потоа треба да излезат со предлог и да видиме дали јас ќе се согласам. Но, до сега за Брисел и Вашинготн немам добиено име, рече Пендаровски во вечерашното гостувањето на ТВ Сител и додаде дека за Фрчкоски не е потврдено дека бил одбиен од САД за амбасадорското место во Вашинготн.
Шефот на државата информира и дека на Ненад Колев му е одложено заминувањето на амбасадорското место во Москва поради руско-украинската криза, иако требал да ја преземе должноста на 1 март.
-Брзо очекувам и Комисијата во Собрание да ја заврши својата работа и ако можеме за месец – месец и половина од сега да ја испратиме Агнеза Руси за амбасадор во Софија. Досегашниот наш амбасадор при ЕУ, Руси, професионален дипломат од МНР, треба да биде наш амбасадор во Бугарија. Тоа место, во Брисел се испразнува и многу е битно побрзо да имаме човек таму, во ЕУ, потенцира претседателот Пендаровски.