Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот муслимански празник Рамазан бајрам, упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед во Република Северна Македонија и до поглаварот на Исламската верска заедница Реис-ул-улема хаџи хфз. Шаќир ефенди Фетаху.
–За жал и годинава светиот месец Рамазан го поминавме обременети со пандемијата со ковид-19, во несекојдневна атмосфера соочени со бројни ограничувања и со неопходни мерки за заштита на нашето здравје и на нашите животи. Ви благодарам за истрајноста, внимателноста и дисциплината. Се надевам дека збогатени со духовната сила која ја дава Рамазан бајрам и понатаму ќе останеме посветени, одговорни и солидарни и ќе излеземе како победници во борбата со епидемијата чиј крај, благодарение на започнатата вакцинација, веќе се наѕира, се наведува честитката од претседателот Пендаровски.
Токму на првиот ден на Рамазан бајрам, Пендаровски во честитката потсетува на значењето на соживотот, толеранцијата и на меѓусебното разбирање во нашата заедничка татковина.
-Да останеме сплотени и заедно да придонесуваме за благосостојбата на сите наши сограѓани без разлика на нивната верска, етничка или каква било припадност, градејќи праведно општество и просперитетна Република Северна Македонија. Честит Рамазан бaјрам, пишува претседателот Пендаровски во честитката.