Од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски се огласија со писмено соопштение во однос на последните случувања во Бугарија со претседателот Румен Радев кои се однесуваат на македонско-бугарските односи.

„Крајно невообичаено и секако надвор од внатрешните процедури на Алијансата е претседател на една земја-членка на НАТО да ги повикува своите служби за безбедност да реагираат за наводно кршење на правата на граѓани во друга земја-членка на НАТО. Реакцијата на бугарскиот претседател е спротивна и на основниот принцип во меѓународната политика за немешање во внатрешните работи на друга држава.

До овој момент, претседателот Пендаровски нема добиено ниту една информација од надлежните институции за кршење на човековите слободи и права на македонски граѓани само затоа што ја декларирале својата етничка припадност.

Како држава кандидат за членство во ЕУ ние сме со години под редовен мониторинг на Брисел, но, ниту во последниот годишен извештај за напредокот на Европската Унија не се регистрирани такви случаи, велат од кабинетот на претсетаделот Пендаровски.

Како што е познато, Радев свикал состанок со  шефовите на бугарските безбедносни служби и потпретседателот Илијан Јотов на кој побарал да бидат преземени навремени мерки со цел да се заштитат правата на Бугарите што живеат во дијаспората, особено во Северна Македонија.

„Денешната средба беше свикана откако кабинетот на претседателот на Бугарија доби писмо од центарот за култура „Иван Михајлов“ во Битола, во кое се наведува дека на граѓаните на Северна Македонија „често им се кршат правата“ само затоа што се декларираат како Бугари, пренесе МИА.

На состанокот беше споменат и неодамнешниот случај во Струмица, каде се случи напад врз граѓани кои се декларираа како Бугари.