Потребно е враќање на довербата меѓу двете влади, што ќе придонесе за засилување на добрососедските односи и политичкиот дијалог за почувствителните прашања. Надминувањето на меѓусебните недоразбирања е важно за напречено одвивање на македонските евроинтеграциски процеси, како и за неутрализирање на растечкиот евроскептицизам и негативните тенденции во регионот, рече претседателот Стево Пендаровски на денешната средба со бугарскиот премиер Кирил Петков кој престојува во официјална посета на земјава.
Пендаровски истакна дека Република Северна Македонија во духот на добрососедството и почитувањето на принципот на еднаквост меѓу двете страни, има силна политичка волја да го продолжи дијалогот, со цел изнаоѓање компромисно решение за отворените прашања.
-На средбата се разговараше за можностите за унапредување на билатералната соработка во повеќе сфери од заеднички интерес, со оглед дека Северна Македонија и Бугарија се блиски соседи и сојузници во НАТО. Во таа насока претседателот изрази поддршка за почнатиот дијалог меѓу двете влади, изнесените конкретни предлози, како и намерите за интензивирање на разговорите во наредниот период со цел постигнување мерливи резултати во интерес на граѓаните, информира Кабинетот на претседателот.
Според Пендаровски, почнувањето на пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија ќе претставува придобивка за просперитетот и стабилноста на целиот регион. Тоа дополнително ќе влијае на унапредување на соработката во економијата, трговската размена, инфраструктурното поврзување како и соработката во областите на образованието, здравството и културата.