Мојот став е дека „Отворен Балкан” по претпоставка да ги вклучи сите шест држави може да биде само една од алатките, само еден од инструментите за подобрување на регионалната економска и трговска соработка, значи не политичка, и „Отворен Балкан” може само да биде дел од Берлинскиот процес, изјави претседателот Стево Пендаровски денеска во Приштина, каде што се наоѓа на официјална посета, како одговор на новинарско прашање зошто ја поддржува оваа иницијатива.
Според Пендаровски, „Отворен Балкан” треба да биде само еден аспект од Берлинскиот процес, бидејќи тоа е иницијатива која има институции, која има ресурси, а тие две работи, како што рече „Отворен Балкан” засега ги нема и кое е еден вид на амбрела иницијатива во која сите други може да бидат добронамерни иницијативи.
„Добронамерни иницијативи се разбира може да бидат само дел, не може да бидат супституција на Берлинскиот процес кој продуцираше одлични резултати досега и кој трае веќе 7-8 години со тенденции да се проширува и обогатува со нови содржини, вели Пендаровски.
Тој потсети дека на почетокот изразил резерви за „Отворен Балкан” во 2019 бидејќи сметал оти ако тоа е обид за реставрација на некаква Југославија или за алтернатива за членство во ЕУ ќе бил против, но откако добил уверување од премиерите вклучени во иницијативата дека нивната идеја не е таква, ја поддржал иницијативата.