Како одговорни лидери на две соседни земји, имаме обврска да создадеме услови за уште поголемо приближување на нашите народи. Од овие причини патувам за Атина и ќе ми биде особено драго да возвратам на гостопримството овде, со уште поголемо гостопримство во мојата земја, вели претседателот на Република Македонија Стево Пендаровски во изјава за грчкиот информативен портал „Њузбомб“ во пресрет на официјалната, дводневна посета на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Претседателот истакнува дека посетата што е на покана на неговата грчка колешка Катерина Сакеларопулу, „доаѓа како продолжение на низата средби на различни нивоа во последните години и е јасен доказ за зајакнатите билатерални односи меѓу двете земји по потпишувањето на Договорот од Преспа“.
Паралелно, Пендаровски ја потенцира и важноста на посетата со оглед на тоа што се случува првпат и објаснува дека никогаш досега ниту еден претседател на Македонија не ја посетил Грција, ниту пак некој грчки претседател бил во Република Македонија.
-Па така, денес ја пополнуваме оваа празнина и отвораме уште еден канал на комуникација и соработка за уште поголемо приближување на двете земји и двата народи. Затоа, главната цел на оваа државна посета е да ја покажеме нашата дополнителна подготвеност за унапредување на билатералните односи во сите области од взаемен интерес, да ја реафирмираме решителната посветеност за пријателски и добрососедските односи меѓу двете земји, како и за понатамошна имплементација на Договорот од Преспа, вели претседателот.
Во изјавата за грчкиот портал посочува дека Република Македонија и Република Грција се две земји кои поминаа низ различни фази во меѓусебните односи, но „сега сме сојузници во најсилниот воен сојуз на планетата, во НАТО Алијансата, работиме посветени на зголемувањето на довербата, ги делиме истите вредности на демократијата и се де соочуваме со слични предизвици во многу области“.
-Во таков контекст, интензивирањето на контактите и проширувањето на тематскиот опсег на нашите односи е нешто повеќе од логично и, би рекол, особено неопходно. Како одговорни лидери на две соседни земји, имаме обврска да создадеме услови за уште поголемо приближување на нашите народи, вели Пендаровски.
Претседателот на Македонија утре и задутре ќе биде во дводневна официјална посета на Грција, ќе биде примен од претседателката Катерина Сакеларопулу, а ќе оствари средба и со грчкиот премиер, Киријакос Мицотакис, и градоначалникот на Атина, Костас Бакојанис.