Компромис помеѓу власта и опозицијата може да има и тие треба да си подадат рака за пописот, изјави претседателот Стево Пендаровски. Тој воедно порача дека пописот може да се спроведе во мај или јуни, а опозицијата да не бојкотира.
-Со ова се обидувам да направам мост меѓу двете политички опции. Тврдам дека политичката поларизација ја уназадува нашата држава повеќе од се друго. Проблем ли е да ги повикаш твоите да не прават бојкот или пописот да биде во мај или јуни. Да си подадеме рака. Не гледам причина зошто пописот да не се одложи за месец или два. Сосема легитимни се барањата од аспект на здравството. Ако сме чекале 20 години, нема да е грев да биде во мај или јуни, но да го направиме за да нема воопшто страв кај граѓаните поради ковидот, рече Пендаровски во вечерашното гостување на ТВ 24.
За шефот на државата небулозни се обвинувањата дека Заев и Ахмети договориле штелувани резултати на пописот за да има 32 отсто Албанци во државата. Пописот е најдобро да се одржи по класичниот метод, од куќа до куќа, но добро е да биде засилен и со новите методологии.