Претседателот Стево Пендаровски денеска пред Музеј на македонската борба каде што ќе ја отвори изложбата „150 години од раѓањето на Гоце Делчев“ оцени дека заедничкото одбележување на овој ден на македонска и бугарска делегација, а без одлука донесена од заедничката мешовита комисија за историски и образовни прашања, не смета дека е притисок врз комисијата туку чин на добра волја на двете страни за намалување на тензиите поттикнати од бугарската блокада на македонските европски интеграции.
„Не знам дали во формална смисла постои одлука за заедничко чествување бидејќи тоа би требало да биде една од надлежностите на историската комисија, меѓутоа не гледам проблем и да не е така. Ние и пред да постои историската комисија имавме заеднички чествувања на одредени настани и личности и без да има одлука на историската комисија сме правеле и во Бугарија и во Македонија на различни паметници. Не гледам проблем во тоа некој од нашите соседи да искажува пиетет кон еден од камен темелниците на нашата државност“, рече Пендаровски.
Инаку цвеќе на гробот на Гоце Делчев во 13 часот во Скопје ќе положи и бугарската делегација која ќе ја предводи шефицата на бугарската дипломатија Теодора Генчовска, а заедно со македонската министерка за култура Бисера Костадинова Стојчевска и заменик-министерката за надворешни работи Фатмире Исаки.
„Владата на Северна Македонија го поздравува учеството на делегациите на Бугарија во одбележувањето на 150-годишниот јубилеј од раѓањето на, за нас, најзначајниот историски лик за нашата земја, со што двете држави продолжуваат со напорите за интензивирање и продлабочување на вкупната соработка и зацврстување на довербата“,соопштија од владата.