Шефот на државата Стево Пендаровски денеска по средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски истакна дека истата била во насока на повторно воспоставување на политички дијалог.
Тој вели дека за една демократија не е својствено да постои прекин на комуникациите помеѓу институциите.
„Платени сме од граѓаните да комуницираме, а не да тераме личен каприц. Средбата беше на барање на Мицкоски и во телефонскиот разговор тој бараше да разговараме за проблемите и предизвиците со кои се соочуваме последнава година. Јас го информирав за тоа што се случува во однос на блокираните евроинтеграции и му реков дека од Софија не доаѓаат никакви новости поради нивната ситуација со закажувањето на нови избори и му кажав што за целата ситуација мислаат нашите европски пријатели во Брисел“, порача Пендаровски.
Претседателот посочи дека во врска со настаните во Собранието од 27 април го повторил својот став за тоа дека помилување за лица кои направиле кривично дело без преседан во Европа не доаѓа во предвид, затоа што нивната вина во овој процес неспорно била утврдена во судскиот процес.
„Во однос на правната квалификација на делото, факт е дека тие лица не беа осудени за кривично дело тероризам, туку по друг член за терористичко загрозување на уставниот поредок. Дејствијата со кое може да се изврши тоа кривично дело се слични, запретената казна e идентична, најмалку 10 години. За 27 април постои пресуда за луѓе кои беа дел од истата толпа која го претепа Зијадин Села. Ако се следи правната квалификација на таа пресуда, тие луѓе беа осудени и со право добија високи казни, но не беа судени за кривично дело тероризам, туку за убиство во обид“, рече Пендаровски.