Најитната задача на Советот за безбедност е да биде проактивно ангажиран за ставање крај на војната во Украина, порача претседателот Стево Пендаровски вчера попладне во Њујорк во обраќањето на отворената дебата за одржување на меѓународниот мир и безбедност на Советот за безбедност, на тема „Одржување на целите и принципите на Повелбата на ОН преку ефективен мултилатерализам: одржување на мирот и безбедноста во Украина“.
Единствениот начин да се постигне оваа цел е преку дипломатија и преговори, засновани на почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници. За таа цел, првиот чекор треба да биде итно и безусловно примирје, за да се создаде амбиент за почеток на преговорите. Во текот на целиот процес, Обединетите нации треба да воспостават мировна мисија со главна задача да го надгледува примирјето и хуманитарната помош за цивилите, истакна претседателот Пендаровски.
Агресијата на Руската Федерација против Украина, како што посочи Пендаровски, нанесе силен удар врз меѓународниот мир и безбедност, основните принципи на меѓународното право и меѓународниот поредок.
-Оваа војна го предизвика мултилатерализмот, како основа на меѓународниот поредок, на невидено ниво. А, како што сите знаеме, меѓународната и безбедносната архитектура, чиј најважен одраз се Обединетите нации, е насочена кон мултилатерализмот, рече претседателот.
Тој оцени дека сегашната ситуација е резултат на игнорирањето на обврските содржани во Повелбата на ОН од 1945 година.
-Без почитување на суверената еднаквост и територијален интегритет на секоја земја-членка, не можеме да зборуваме за ефективен мултилатерализам. Досега видовме неколку обиди за редефинирање на основите на меѓународниот поредок, но ниту еден од нив не доби толку широка поддршка како принципите што цивилизираниот свет ги воспостави по ужасите на Втората светска војна, истакна Пендаровски.
Во таа смисла, како што посочи тој, блокадата во која се наоѓа Советот за безбедност како главно тело на ОН, кое има за цел зачувување и унапредување на меѓународниот мир и безбедност, беше поттикнат токму од непочитувањето и, би рекол, дури и свесното заобиколување на основните принципи на меѓународниот поредок.
-Јасно е дека оваа блокада го намалува кредибилитетот и довербата на луѓето дека Обединетите Нации можат ефективно да ја постигнат клучната цел за која беа формирани пред речиси осум децении. Без веродостојна алтернатива во перспектива на сегашниот меѓународен поредок кој ќе има мнозинска поддршка од нациите, разбирливо е зошто фрустрацијата на луѓето од неактивноста на ОН станува сѐ посилна, напомена шефот на македонската држава.
Јасно е, додаде Пендаровски, дека современиот свет е многу различен од светот во 1945 година и Советот за безбедност на ОН треба да се соочи и да биде во склад со оваа нова реалност.
-Во рамките на тековните дебати за евентуалната реформа на главното тело на ОН, треба темелно да се разгледа прашањето за ветото на постојаните членки, особено кога една од нив е вклучена во конфликт, додаде претседателот.
Според него, најитната задача на Советот за безбедност е да биде проактивно ангажиран за ставање крај на војната во Украина. Единствениот начин да се постигне оваа цел е преку дипломатија и преговори, засновани на почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници.
-За таа цел, првиот чекор треба да биде итно и безусловно примирје, за да се создаде амбиент за почеток на преговорите. Во текот на целиот процес, Обединетите нации треба да воспостават мировна мисија со главна задача да го надгледува примирјето и хуманитарната помош за цивилите, рече претседателот.
Пендаровски посочи дека клучните компоненти на идниот мировен договор треба да бидат, прво, целосно почитување на територијалниот интегритет на Украина, целосно повлекување на руските трупи, овозможување на враќање на сите бегалци и внатрешно раселени лица во нивните домови, голема поддршка за постконфликтна обнова на уништената земја и меѓународни гаранции за правата на сите етнички и верски заедници кои живеат во Украина со векови.
-Војната во Украина сериозно го поткопа кредибилитетот на светската организација, но нуди, исто така, извонредна можност за Советот за безбедност да дејствува во согласност со принципите на Повелбата на ОН и да помогне да се врати довербата на народите во Обединетите нации како незаменлива глобална организација, истакна Пендаровски.