Претседателот Стево Пендаровски денеска прими претставници на Сојузот на турски невладини организации во Македонија – МАТУСИТЕБ, што во себе обединува 60 невладини организации кои ја претставуваат турската заедница во Република Северна Македонија.
На средбата претставниците на МАТУСИТЕБ ја претставија работата и севкупните активности на организацијата во однос на зачувувањето и промовирањето на националниот и културен идентитет на турската заедница во нашата држава.
Претставниците на МАТУСИТЕБ го информираа претседателот Пендаровски за формирањето и активностите на Националното координативно тело за пописот на турскиот народ во Република Северна Македонија, како и за нивните заложби за спроведување успешен попис.
Претседателот Пендаровски изрази поддршка на напорите на организацијата за соодветна и правична застапеност во пописните комисии, а со цел резултатите од овој процес да ја дадат реалната слика на теренот.