Претседателот Стево Пендаровски, денеска во касарната „Илинден“ во Скопје присуствуваше на настанот во чест на припадниците на специјалните сили на Армијата на Република Северна Македонија кои учествуваа во хуманитарната спасувачка операција по катастрофалниот земјотрес во Република Турција.

Станува збор за армиски тим за заштита и спасување од Баталјонот за специјални сили, водачи и кучиња обучени за трагање, кои беа ангажирани во Кахраманмараш.

 На настанот припадниците на Армијата споделија дел од своите искуства во извршувањето на задачитеТимот беше ангажиран во пребарување на теренот, пронаоѓање и извлекување на евентуално преживеани лица. Својата подготвеност и пожртвуваност во давањето помош македонскиот армиски тим ја покажа и со успешната акција на извлекување на 5-годишно дете од под урнатините.

 Претседателот Пендаровски им честиташе на армиските припадници за пожртвуваноста и покажаната професионалност и вложените надчовечки напори, истакнувајќи дека ангажманот на лице место беше во ранг на најпрофесионалните достигнувања што може да се очекуваат.

 „Македонскиот народ, сите македонски граѓани и помогнаа на Турција и ќе и помагаат и во иднина во било каква ситуација не затоа што сме членка на НАТО и сме формални сојузници, туку затоа што нашето пријателство, пријателството меѓу нашите народи трае со векови наназад и ќе трае со векови нанапред, така што сакам да ги уверам сите турски граѓани преку нивниот амбасадор тука и преку јавноста дека сме помагале и ќе помагаме“, рече претседателот Пендаровски.