Сè уште чекаме на формалниот почеток на преговорите со Европската Унија. На оваа тема посветивме значаен дел од нашите разговори денеска, а ќе продолжиме и во текот на денот. Латвија е една од земјите членки на Унијата што одамна ја препозна нашата подготвеност, посветеност, па и пожртвуваност за остварување на стратешката цел – членството во ЕУ. Вие и латвиското политичко раководство апсолутно разбирате дека мирот и безбедноста во Европа се во директна корелација, помеѓу останатото, и со одлуките на Унијата за нејзиното проширување, истакна претседателот Стево Пендаровски на денешната заедничка прес-конференција со неговиот латвиски колега Егилс Левиц, кој престојува во официјална посета на земјава.

Пендаровски изрази благодарност до Левиц за искреното залагање за динамизирање на политиката на проширување со сите земји од Западниот Балкан.

– Вашето искуство и како земја и како регион, е аргумент плус за отпочнување на пристапните преговори како прилог во динамизирање на реформскиот процес во нашите општества. Исто така, вашата подготвеност за споделување на сопствените искуства од евроинтегративниот процес е од големо значење за нас, рече Пендаровски.

Пендаровски информира дека со Левиц разговарале и за руската агресија во Украина.

– За жал, спротивно на сите меѓународни норми, руската војска веќе два месеци демонстрира сила, убивајќи цивили и уништувајќи цели градови во Украина. Северна Македонија и Латвија, освен осуда на руската воена инвазија, се приклучија и кон целосниот пакет на санкции на ЕУ кон Русија. Во овој контекст, преку солидарност и заеднички напори со сојузниците, придонесуваме за создавање предуслови за прекин на војната, повторно воспоставување на мир и безбедност на нашиот континент и амортизирање на огромната хуманитарна и бегалска криза, нагласи Пендаровски.

Според Пендаровски, Балканот и Балтикот и покрај географската дистанца, имаат голем потенцијал за доближување по многу линии, пред сѐ во економската, трговската, културната и дигиталната сфера.

– Убеден сум дека со вложување на дополнителни напори, со асистенција на Брисел можеме да ги „пресликаме“ успесите што евроатлантската интеграција ги стимулираше на Балтикот и тамошната позитивна трансформација која за нас претставува инспирација. Во отворената и пријателска средба со колегата Левиц само се потврди искрената поддршка на Латвија во однос на македонското место во Обединета Европа, потенцира Пендаровски.

Претседателот Левиц соопшти дека ова е прва негова посета на земјава и нагласи дека има одлични билатерални односи меѓу Северна Македонија и Латвија.

– Ние  сме земји со слична големина, со број на население, со слична територија и ние сме пријателски земји кои сакаат понатаму да го унапредуваат мирот и соработката во Европа, рече Левиц.