Воочи средбата на бугарскиот и македонскиот премиер Кирил Петков и Димитар Ковачевски на 18 Јануари во Скопје, претседателот Пендаровски реши дека ќе прими делегација на две македонски здруженија од Бугарија, на ОМО Илинден Пирин и на ОМО Илинден на нивно барање. Од кабинетот на претседателот за ТВ24 велат дека датумот сеуште не е утврден.
„Пристигнато е барањето на ОМО Илинден Пирин и на ОМО Илинден за средба. Претседателот Стево Пендаровски ќе ги прими во најбрз можен рок.“ – Кабинет на Претседателот на Северна Македонија.
Во писмото Македонците од Бугарија велат дека безрезервно ги поддржуваат аспирациите на етничките браќа од Македонија за достојно место меѓу народите на демократска Европа, но и ја спомнуваат средбата на бугарскиот претседател Радев со претставници на неколку регистрирани здруженија на Бугари од Македонија и на една политичка партија. Опозицијата пак денеска повторно обвини дека Димитар Ковачевски и Владо Бучковски немаат легитимитет да преговараат за македонскиот проблем со Бугарија.
СДСМ, преку соопштение реагираше на изјавите Митева, и велат дека Ковачевски и новата Влада не само што имаат легитимитет, туку имаат проширено и стабилно мнозинство во Собранието. Очигледно ниту ВМРО-ДПМНЕ ниту Мицкоски не се добро запознаени со уставот и законите во земјава, се вели во соопштениетто на СДСМ.