Процесот на трансформација, опремување и модернизација на македонската армија и учеството во меѓународни операции и вежби, биле главна тема на разговор на денешната средба на претседателот Стево Пендаровски со претседавачот на Воениот комитет на НАТО, адмирал Роб Бауер, кој престојува во официјална посета на Република Северна Македонија, известуваат од кабинетот на шефот на државата.
Пендаровски и Бауер разговарале за соработката меѓу Северна Македонија и НАТО, за актуелните регионални и безбедносни прашања, а беа разменети мислења и информации за состојбите во Украина и улогата на Алијансата во одбраната на украинскиот народ од руската воена агресија. Во тој контекст, претседателот Пендаровски ја реафирмирал поддршката за Украина и украинскиот народ, посочувајќи дека Северна Македонија како членка на НАТО, во рамки на можностите ќе продолжи да пружа воена, хуманитарна и дипломатска помош, со крајна цел прекин на воената агресија.
Двајцата соговорници на средбата констатирале дека Алијансата треба да продолжи во своите напори за поддршка на Украина со цел стабилизирање на ситуацијата во целиот евроатлантски простор.
Претседателот Пендаровски изразил подготвеност за натамошно унапредување на соработката и јакнење на НАТО сојузништвото во насока на исполнување на заедничките цели за колективна безбедност и мир на европскиот континент.