Претседателот на државата, Стево Пендаровски и МНР денеска го осудија палењето на знамето на Бугарија во Вевчани.
„Палењето на знамето на Република Бугарија за време на карневалот во Вевчани е недопустливо и за осуда. Меѓу соседите е неопходно градење на доверба, разбирање и почитување“, вели претседателот Пендаровски.
Се огласи и Министерството за надворешни работи, кое смета дека палењето на бугарското знаме на карневалот во Вевчани е штетен по угледот на државата.
„Вековна традиција не смее да биде загрозена преку активности со кои се омаловажуваат или навредуваат народи, држави, особено нашите соседи. Го осудуваме палењето на знамето на Република Бугарија на Карневалот во Вевчани, чин кој не само што го нарушува реномето на Карневалот туку и нанесува штета на угледот на Република Македонија, се наведува на фејсбук-профилот на МНР.
Вчера на последниот ден од карневалот, беше запалено знамето на Бугарија заедно со останатите маски.