Претседателот Стево Пендаровски, денеска го додели Признанието за македонски квалитет за 2021 година на 10 компании, установи и организации кои даваат значаен придонес во развојот на националната економија и нејзина промоција на меѓународно ниво, јавува ТВ 21.
Традиционалната манифестација е во организација на Сојузот на стопански комори на Македонија, а под покровителство на претседателот Пендаровски.
Во согласност со прецизно воспоставените критериуми, добитници на годинашните признанија се: Бонивес Компани, ПЗУ Аптека Виола, Aгенс Камини, Kаса Италија, КМГ ЕОЛ Kвазар, винарија Венец, Компјунет инженеринг, Хотел Тимс, Еко Логистик Сервис и Републички центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА.
Претседателот Пендаровски во своето обраќање ги нагласи предизвиците со коишто се соочува домашната економија како последица на светската пандемија. Во тој контекст изрази уверување дека компаниите имаат соодветен одговор на кризата и дека ќе продолжат со успешната работа надградувајќи го квалитетот на производите и на услугите што ги испорачуваат.
„Имајќи ја предвид целата ситуација, носителите на Признанието заслужуваат особена почит затоа што во нималку лесни времиња го развиваат својот потенцијал и постигнуваат извонредни резултати задржувајќи висок квалитет на производите и на услугите“, рече претседателот Пендаровски.
Изразувајќи благодарност до Сојузот на стопански комори што, задржувајќи ги високите критериуми, продолжува со традицијата за доделување на Признанието за македонски квалитет, претседателот Пендаровски нагласи дека тоа е значен придонес за македонската економија во овие особено сложени времиња. Во таа насока на добитниците им упати честитки за постигнатото во 2021 година и посака признанието да биде дополнителен мотив за уште подобри резултати.