Претседателот на државата како што е познато пред неколку дена не го потпиша указот за Законот за легализација на дивоградбите. Сега, владата повторно го врати законот во Собрание. Пендаровски вели дека доколку во законодавниот дом по втор пат биде изгласан законот, тогаш ќе го потпише.
-Ако ме прашувате за мојата реакција доколку тој би дошол повторно кај мене, ставот е апсолутно јасен. Немам намера да не го почитувам Уставот, да изигрувам некаков претседател кој има тн. џебно вето, да не се произнесувам. Ако тој закон биде изгласан со потребното мнозинство по втор пат, се разбира истиот ден ќе го потпишам иако имам серија забелешки. Според она што го кажа премиерот, ќе бидат земени во предвид, ќе се разговара за нив, меѓутоа тука завршува мојата уставна надлежност. Ако решат буквално истиот текст да го усвојат со потребното мнозинство, 61, немам избор, апсолутно, рече Пендаровски одговарајќи на новинарско прашање по вакцинирањето против Ковид-19 на вакцинален пункт во Куманово.
Претседателот не е сигурен што ќе се случува во иднина со овој закон, бидејќи има најави дека владејачкото мнозинство ќе расправа одново по него и ќе го донесе по втор пат, како и најави од одредени политички субјекти дека со филибастеринг ќе го блокираат.
Ако законот биде повторно усвоен, нагласува претседателот, тој нема да биде задоволен бидејќи останува на ставот дека тој закон не е добар.