Претседателот Стево Пендаровски денеска ќе биде домаќин на претседателот на Италијанската Република Серџо Матарела, кој ќе престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.

Претседателот Матарела ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести, по што ќе следува тет-а-тет средба на претседателите Пендаровски и Матарела и пленарен состанок на делегациите на Северна Македонија и Италија.

Претседателите Пендаровски и Матарела досега имаа средби во Рим во ноември 2019 година и во мај 2021 година.

Како што соопшти Амбасадата на Италија, по средбата со Пендаровски, Матарела ќе се упати во Собранието, каде што ќе се сретне со претседателот на Парламентот, Талат Џафери. Во рамки на свечената седница, ќе се обрати до пратениците и граѓанските и верските претставници во земјата.

Во рамки на посетата, во црквата „Св. Спас“ во Скопје претседателот Матарела и претседателот Пендаровски ќе положат венци на гробот на Гоце Делчев.