Длабоко сум убеден дека соработката и заедничките акции на сите чинители во општеството се клучни во борбата против дискриминирачките содржини во интернет просторот, но и воопшто во јавниот живот. Спречувањето на оваа појава која сериозно ги разнишува основните темели на секое општество кое цели кон инклузивност, мора да стане национален приоритет, нагласи денеска претседателот на државата Стево Пендаровски на јавната дискусија „Дискриминирачки говор на дигитални медиуми – состојба и предизвици”, што се одржува во неговиот Кабинет.

Клучно е, вели претседателот Пендаровски, сите кои се кријат зад удобноста на тастатурата да бидат свесни дека се одговорни за кажаното или напишаното. – Комуникацијата не смее да биде сведена како сега во голем дел на негативна енергија, фрустрации, напади врз личноста, дискриминирачки говор или говор на омраза. За таа цел превенцијата е клучна. Не треба да дозволиме дискриминирачкиот говор да прерасне во говор на омраза и со тоа да ги поткопа темелите на едно општество кое треба да почива на коректна комуникација и аргументирана дебата, потенцира Пендаровски. Шефот на државата додаде дека мора да ја вратиме пристојноста во комуницирањето во нашите домови, на работното место, во јавноста и на социјалните медиуми, односно, како што рече, да ја мериме тежината на нашите зборови. – И јас како политичар понекогаш сум изложен на обиди за лична дискредитација. Неопходно е инволвирањето на граѓанскиот сектор како репрезент на пошироката јавност. Системот на санкции, закони и казни не е доволен, ако не работиме на креирање позитивна атмосфера со цел превенирање на негативните појави. Сакам да верувам дека се уште сме во фаза кога наместо да се лечи може да се спречи, па апелирам длабински да се соочиме со оваа комплексна проблематика, да не одложуваме, рече Пендаровски. Наша заедничка цел, нагласи тој, е да го деконтаминираме дигиталниот простор, но и воопшто јавниот простор и нашето секојдневие од дискриминирачката реторика. – Со заеднички напори на сите релевантни чинители и обединување на нашите знаења и искуства можеме да дадеме прилог во таа насока, заклучи Пендаровски. Целта на трибината е размена на мислења и идеи во контекст на создавање на иницијална платформа и план на активности за справување со дискриминирачкиот говор и другите негативни појави во интернет просторот. Јавната дебата е под покровителство на претседателот Пендаровски, а во организација на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) и Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП).