Претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси, пристигна во Тајпеј, и покрај предупредувањата од официјален Пекинг да не го прави тоа, бидејќи тоа сериозно ќе ги загрози односите меѓу Кина и САД.

Advertisements

„Посетата на нашата конгресна делегација е показател за недвосмислената американска поддршка за демократијата на Тајван“, напиша Пелоси на Твитер.

Таа наведе дека во разговорите со лидерите на Тајван „ќе биде повторена поддршката за американските партнери и ќе биде промовиран заеднички интерес, вклучително и унапредување на слободниот и отворен индо-пацифички регион“.

„Нашата посета не е прва, делегации на Конгресот дојдоа во Тајпеј и претходно. Ова на никаков начин не е во спротивност со американската политика, која е водена од Законот за односи со Тајван од 1979 година“, напиша Пелоси.

Пекинг смета дека доаѓањето на Пелоси е грубо кршење на внатрешните работи на Кина.

Непосредно пред да слета авионот на Пелоси, кинеската централна државна телевизија објави дека Пекинг испратил воени авиони Су-35 во Тајванскиот теснец.

Тоа е прва посета на висок американски функционер на Тајван по 25 години.

Пелоси е на турнеја низ Азија, која вклучува посети на Сингапур, Малезија, Јужна Кореја и Јапонија.