Пелагониските сточари препорачуваат во зимските месеци вниманието кон животните да не се намалува, а најважен услов за добивање на повеќе и поквалитетно млеко соодветно на расата е исхраната на кравите во зимскиот период од годината.
Агро експерти потсетуваат дека сточната храна треба да содржи протеини, јаглени хидрати, масти и богата со витамини, минерални материи, односно да биде застапена фуражна храна, сено, слама, плева или растителни остатоци од пченка.
-Месец јануари е време со променливи дневни температури, чесно ниски и затоа треба да се внимава на квалитетот на храната за стоката. Пожелно е храната да биде претходно обработена исечкана или меласирана, кога е во мала количина, сеното се дава наутро и на пладне. Во зима кравите се напојуваат онолку пати колку пати што се хранат, па ако не им е осигурен постојан пристап до вода, или водата е замрзната, треба да се усогласат со условите. Остатоците од храна во јаслите треба да се чистат пред секое следно хранење на кравите, за да се избегнат гниењето и ферментацијата, посочуваат пелагониски сточари.
Во голем дел од фармите во рамничарските подрачја, почетокот на годината се совпаѓа со периодот на јагнење. Затоа, советуваат сточарите, треба да се посвети сериозно внимание на исхраната на приплодните овци во текот на овој период на годината.
–Храната за овците во овој период треба да биде таква што ќе обезбеди повеќе компоненти, односно концентрирана сточна храна со трици или мешавина со пченка, потоа ливадско сено, луцеркино сено, сточна репа и слама. Во месец јануари започнува и окозувањето на козите, нагласуваат битолски сточари на почетокот од месецов.