Официјален Пекинг се премислуваше дали да ја дозволи независната истрага, но по неколкумесечните преговори со СЗО, издадено е „зелено светло“. Се претпоставува дека вирусот првиот контакт со човек го направил на еден локален пазар во Вухан, каде што се продаваат диви животни. Сепак, официјалната верзија е причина за поголем број на несогласувања, особено во релациите со САД.

Меѓународен тим од десет научници ќе патува во Вухан, Кина, наредниот месец, со цел да го истражи потеклото на пандемијата од ковид-19, потврди Светската здравствена организација.

Официјален Пекинг се премислуваше дали да дозволи независна истрага, но по неколкумесечните преговори со СЗО, издадено е „зелено светло“. Се претпоставува дека вирусот првиот контакт со човек го направил на локален пазар во Вухан, каде што се продаваат диви животни, а некои од нив се служат и како храна. Сепак, официјалната верзија е причина за поголем број на несогласувања, особено во релациите со Соединетите Американски Држави. Администрацијата на претседателот Доналд Трамп ја обвини Кина дека се обидувала да ја прикрие заразата на почетокот.

Член на тимот што идниот месец ќе отпатува во Вухан изјави за Асошиејтед прес дека неговата мисија не е да бара виновници, туку да дојде до податоци што ќе помогнат во спречувањето идни епидемии.

– Не се работи за тоа дека ние сме во потрага по виновната земја. Ние сакаме да дознаеме што таму се случило и базирајќи се на податоците, би можеле да го намалиме ризикот за во иднина – изјави биологот Фабијан Линдерц од Институтот „Роберт Кох“ во Германија.

Линдерц открива дека една од задачите на независната истрага е да се утврди дали во Вухан почнала заразата или само циркулирала, а вирусот се појавил претходно на друго место. Тој откри и дека мисијата на неговиот тим ќе трае четири до пет недели.

Теоријата за лилјакот

Во првите денови од заразата, првичната истрага стигна до „Морскиот пазар“ во Вухан, најголемиот град во провинцијата Хубеи, на кој се претпоставуваше дека вирусот се префрлил од животно на човек.

Бројни експерти, сепак, денес сметаат дека на пазарот заразата можела само да биде раширена. Истражувањата навестуваат дека коронавирусот, кој е способен да напаѓа луѓе, со децении претходно циркулирал помеѓу лилјаците. Минатиот декември кинескиот лекар Ли Венлијанг од Централната болница во Вухан се обиде да ги предупреди неговите колеги од целиот свет на можната нова зараза, но беше објавено дека локалната полиција му наредила да престане да дава „лажни коментари“ и била отворена истрага за „ширење невистини“. Докторот Ли почина во февруари, откако претходно се зарази со вирусот додека ги лечеше пациентите во својата болница.

Во април, кога заразата веќе се рашири по планетата, почнаа шпекулациите дека вирусот „протекол“ од лабораторија во Вухан. Канцеларијата на директорот на американското разузнавање соопшти дека вирусот не е генетски модификуван, но сепак беше спроведена истрага за тоа дали ковид-19 е „одгледуван“ во лабораториски услови.

Последните извештаи кои доаѓаат од Кина, сугерираат дека вирусот веројатно не потекнува во оваа земја, туку дека е „увезен“ од странство.

Овие анализи во извештаите, сепак, се без основни податоци, па многумина сметаат дека кинеската влада се обидува на тој начин да го поправи рејтингот во светот.

Обвинувања, закани и санкции

Независна истрага за потеклото на вирусот и испитувањето на првите реакции на кинеските здравствени власти беше предложена уште на почетокот од ширењето на заразата.

Администрацијата на Трамп зазеде мошне цврст став, обвинувајќи ја Кина за големи пропусти во запирањето на заразата Вашингтон го обвини Пекинг дека откако успешно биле затворени сите внатрешни патишта и аеродроми, меѓународните летови од Вухан кон светот продолжиле со полн капацитет. Претседателот Трамп ја обвини и СЗО за соучешништво во прикривањето на пропустите, па набргу објави дека САД повеќе нема да ја финансираат оваа организација на Обединетите нации.

Трамп, сепак, не беше осамен во овие обвинувања. Набрзо потоа и Австралија покрена иницијатива, на која ѝ се приклучија голем број земји, Пекинг да дозволи независна истрага.

Конечно, на почетокот од 2021 година, научниците ќе отпатуваат во Вухан, барајќи го одговорот за тоа како пандемијата воопшто почна и со надеж дека резултатите од истрагата би ја намалиле тензијата во меѓународните односи.