Новите мерки што ги предложи Комисијата за заразни болести се очекува утре да бидат разгледани на Главниот координативен штаб, по што за нив ќе треба да расправа и Владата. Комисијата бара вработените на работното место да приложат сертификат за вакцинација или негативен ПЦР тест кој ќе важи најмалку 72 часа и ќе биде на трошокот на работникот, а оние кои го прележале вирусот, ќе може да приложат сертификат за прележан Ковид, но не постар од 45 дена. Доколку работникот има ретки имунолошки болести, тогаш ќе треба да приложи потврда од лекар специјалист дека не може да прими вакцина. Дел од мерките е и задолжителната вакцинација за сите здравствени работници.

Дали ќе бидат усвоени онака како што предлага Комисијата или ќе има измени, ќе се знае во текот на неделата.

Синдикатите бараат ПЦР тестирањето да не падне на товар на работниците бидејќи нивните пресметки покажуваат дека се потребни минимум 20.000 денари месечно за 10 ПЦР тестирања.

– Ако државата нема обезбедено финансиски средства во Буџетот за 2022 година за бесплатни ПЦР тестови за сите работници, а работодавачите укажуваат дека товарот треба да падне на работниците за тестирањето за да можат да им дојдат на работа и да им работат за минимална плата од 15.200 денари и да им ствараат милиони во добивка, работниците побргу ќе умрат од глад отколку од корона, велат од Сојузот на синдикати на Македонија во изјава за МИА.