Мерките што ги презеде Владата помогнаа во ублажувањето на најнепосредниот негативен ефект од кризата предизвикана од Ковид-19. Меѓутоа, како во повеќето други земји, неопходна е натамошна поддршка од локалните и меѓународните финансиски институции за да се помогне Северна Македонија побрзо да закрепне и да се интегрира на пазарите во регионот и во ЕУ, оценува заменик-претседателката на Европската инвестициска банка (ЕИБ) одговорна за Западен Балкан, Лилјана Павлова во интервју за МИА.

– Покрај силната трговска врска со ЕУ, економијата страдаше од затворањето на границите и другите рестрикции кои влијаеја неповолно на трудоинтензивните услужни сектори, како малопродажбата и туризмот. Според Анкетата на претпријатијата во услови на КОВИД-19 што ја спроведе ЕИБ, 40 проценти од фирмите во Северна Македонија биле привремено затворени за време на пандемијата, а околу 70 проценти од нив искусиле намалена ликвидност или достапност на проток на готовина, што на крајот довело до голем пад на продажбата (38 проценти на годишно ниво) и на работната сила (15 проценти), посочува Павлова.

Во интервјуто што во целост ќе биде објавено утре, Павлова зборува и за новата кредитна линија од 100 милиони евра за што неодамна беше потпишан договор, за ефектите од досега инвестираните средства на банката, а најавува и дека ЕИБ е подготвена да и помогне на Северна Македонија во напорите за остварување на зелената економија.