Претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, денес до Парламентот, го достави Предлог – Законот за измени на Изборниот законик со кој се предлага Макединија да биде една изборна единица.
„Ваквите измени ќе значат силен поттик на демократизација на изборниот процес и на државата во целина, како и демонтажа на „еднопартискиот систем“ на владеење и зголемување на одговорноста на извршната и законодавната власт“, велат од Демократскиот сојуз.
„Во процесот на носење на круцијални одлуки ќе бидат вклучени повеќе партии и ќе јакне законодавна контрола над извршната власт.
Со измените, зад секој пратеник ќе стојат ист број на гласачи, а не како досега во изборна единица шест пратеник да се бира со 6 300 гласа, а во изборна единица три, со 10 илјади гласа.
Предлагаме да остане пропорционалниот модел, без изборен праг, а пратениците да се пресметуваат по Донтовиот модел.
Со предлогот се овозможува и самостоен настап на партиите од помалите етнички заедници и се гарантираат места во Парламентот доколку имат поддршка од гласачи потребни за пратеник.
Во врска со идејата за отворени листи укажуваме дека истата се уште не е добро проучена, а искуствата во другите држави покажаа многу слабости.
Предлагаме на претстојните локални избори да се почне со отворени листи за советници само во неколку општини (Центар, Струга и Гевгелија).
Предлог законот за измена на изборниот законик, можат пратениците да го дополнат и со забелешките на ОБСЕ И ОДИХР.
Инаку, Демократскиот сојуз повеќе од 15 години ја актуализира потребата од коренити измени на изборните правила, идеја која има и огромна граѓанска поддршка, но досега оваа заложба беше блокирана со флоскулата „општ консензус“.
Последниот обид (предлог поднесен во 2022 година) за Македонија да биде една изборна единица беше блокиран од СДСМ и ДУИ“, се наведува во соопштението на ДС.