Да се регулира средношколското организирање, првпат од независноста на земјава, е главната цел на предлог-законот кој треба да биде усвоен во Собранието. Средношколските движења не смеат да бидат спорадични или привремени. Во отсуство на закон, постојат училишта во кои воопшто нема каква било форма на ученичко претставништво. Неопходни се и реформи во начинот на дејствување на средношколските организации, смета Лука Павиќевиќ, претседател на Сојузот на средношколците на Република Северна Македонија.
Самиот го подготвил законското решение со согласност на Генералното собрание на Сојузот, кој има претставништва односно локални ограноци во 17 градови низ државава и нив ги водат младински амбасадори.
Во интервју за МИА Павиќевиќ рече дека цел на законот е и учеството на средношколците во донесувањето одлуки односно тие од најрана возраст да ги научат вредностите и суштината на демократијата. Законот ќе овозможи воведување директни избори за претседател на училиштето, како што веќе постои во некои, и ќе им врати некои загубени права на средношколците, како на пример учеството во училишните одбори што постоеше пред 30 години.
-Основната придобивка на овој закон за средношколците е дека ќе добијат институционализирана мрежа која ќе го претставува нивниот глас и став, а правото на демократија и учество ќе им биде гарантирано со закон, изјави средношколскиот лидер.
Сојузот се залага и за праведен јавен превоз за средношколците и предложи измени на Законот за средно образование зашто со сегашниот сите немаат право на бесплатен превоз. Целта е да се елиминира дискриминацијата и ова право да го имаат и учениците од приватните училишта. Бара и да се укине критериумот најмалку два и пол километри растојание од домот до училиштето, а исто така бесплатниот превоз да важи во цела календарска година, а не само во деветте месеци од учебната година, бидејќи со ваквото ограничување е намалена нивната мобилност и активности за време на распустот.
-И средношколското организирање, и бесплатниот и праведен јавен превоз за сите ученици, ги преточивме во предлог-закони и најдоцна до крајот на летото очекуваме тие да стапат во сила, рече Павиќевиќ, кој завршува трета година во Меѓународното училиште НОВА како стипендист на Фондацијата „Борис Трајковски“.
Во интервјуто за МИА тој зборува и за другите цели од неговата програма со која лани во мај беше избран за претседател на Сојузот на средношколци, како и за приоритетите во втората половина од двегодишниот мандат.
Во собраниска процедура е Предлог-законот за средношколско организирање – кој го подготви и кои се неговите цели и придобивки за средношколците?
-Средношколското организирање и учество е најважното прашање во средното образование во моментот. Откога е донесен Законот за средното образование во 1994 година, никој никогаш законски не ги обврзал училиштата да имаат демократски претставници на учениците. Јавноста знае дека низ историјата се јавуваат многу различни средношколски движења. Тие не смеат да бидат спорадични и привремени, туку наша цел е да воведеме континуитет. На пример, учениците во 1992 имале свои претставници на училишните одбори. Дури гласале против реизбор на директори. Ова право мора да си го вратиме бидејќи партиципацијата е основа на демократијата, а демократските вредности треба да се учат уште од мали нозе.
Како најприоритетно прашање, предлог-законот за средношколско организирање го подготвувам лично јас, по претходно добиена согласност и одобрување од Генералното собрание на Сојузот. Овој процес го отпочнавме заедно со ИДУЕП (Институт за добро управување и евроатлантски перспективи) во рамките на заедничката иницијатива „Лидер/ка на училиште, лидер/ка во иднината“. Првата цел на законот е да го регулира средношколското организирање првпат во историјата на независна Македонија. Сепак, не треба тука да застанеме. На панел-дискусијата „Какви новини му се потребни на средношколското организирање?“ која ја организиравме на 24 септември во рамките на истата иницијатива, сите присутни се согласија дека мора да размислуваме за реформи во начинот на дејствување на средношколските организации.
Втора цел на законот е да ја внесе демократијата како суштинска вредност и начин на однесување кај средношколците. Размислите околу титулата „претседател на клас“ – во правото се јавуваат два типа на мандат: слободен и императивен (отповиклив). Што му е задачата на претседателот? Да го претставува сопствениот став или тој на целиот клас? Затоа сметаме дека треба да ги нарекуваме „претставници на класови“, а не „претседатели“.
Потребно е да го унифицираме моделот на средношколското организирање – третата цел на законот. Имаме примери во училишта каде што само претседателите на класови имаат право да се кандидираат за претседател на училиштето и само тие имаат право да го избираат. Зошто само 4 проценти од учениците да имаат право да се кандидираат? Зошто 96 проценти да немаат право да одлучат кој ќе го претставува нивното училиште? Во Радовиш, во Свети Николе, во Неготино, во Тетово, во меѓународните училишта НОВА, сите ученици имаат право на глас. Истото го користат со огромна излезност. Преседани веќе имаме. Законот ќе воведе директни избори за претседател на училиштето во сите училишта во земјата.
Основната придобивка на овој закон за средношколците е дека ќе добијат институционализирана мрежа која ќе го претставува нивниот глас и став, а правото на демократија и учество ќе им биде гарантирано со закон.
Можеби ова прашање делува влијателно само во образовниот сектор, но, според мене, средношколското организирање е мошне важно. Ако некој сака да прочита или слушне повеќе за областа, од луѓе од најразлични општествени профили, го охрабрувам да ја разгледа тековната онлајн-кампања „Поддржувам средношколска демократија“ која заедно со ИДУЕП ја спроведуваме на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм. Еве зошто сме #ЗАСредношколскаДемократија.
Во отсуство на закон, учеството на средношколците во носењето одлуки е видливо и овозможено преку ученичките заедници во училиштата. Дали и колку тие се функционални – дали се доволни за артикулирање на гласот на средношколците?
-Главно се појавуваат три различни примери на ученички заедници во училиштата низ Македонија. За жал, отсуството на закон дозволува да постојат училишта во кои воопшто нема каква било форма на ученичко претставништво. Ова е првиот пример – суша. Понатаму, се јавуваат училишта каде има ученичка заедница, но нејзините претставници се во директна координација со училишното раководство, што не е поентата на средношколското организирање. Честопати го раскажувам примерот за незаконското наплаќање свидетелства – во записници од Инспекторатот се наведува дека претседателот на ученичката заедница дал писмена изјава дека немало наплаќање, а заклучокот од истиот записник е дека пари навистина биле земани. Значи, вториот пример не е ништо повеќе од Потемкиново село.
Третиот пример се активни ученички заедници кои навистина учествуваат во училишниот живот и се борат за подобрување на статусот на учениците. Многу од нашите младински амбасадори воедно се и претседатели на ученичките заедници во нивните училишта. Со наградата „најГЛАСни“, заедно со Фондацијата „Конрад Аденауер“ и ЛЕАД (LEAD – Leaders for Education, Activism and Development), ги идентификувавме овие светли примери и ги наградивме за да им дадеме уште поголема мотивација и поддршка. Низ самиот процес ги информиравме за нивните права како претставници на учениците, ги советувавме дека повеќе треба да се фокусираат на застапување ставови отколку на организирање настани и создадовме мрежа на мотивирани средношколци ширум земјата.
Нејсе, треба да се прашаме зошто имаме „совети на наставници“, зошто имаме „совети на родители“, и одеднаш ни се јавува „ученички заедници“ – навистина чудна форма? Зар не се сите ученици во училиштето членови на ученичката заедница? Nomen est omen. Никогаш нема да ја достигнеме еднаквоста меѓу сите чинители во образовниот процес ако едните имаат „совети“, а другите „заедници“. Време е да имаме „совети на ученици“, т.е. „ученички совети“.
Имате ли одговор од надлежните за иницијативата на Сојузот на средношколци за бесплатен т.е. праведен јавен превоз за сите ученици во средното образование?
-Комуникацијата со надлежните продолжува. Иако како идеја постоеше уште од мај минатата година, иницијативата ја активиравме кон крајот на март преку средбата со градоначалничката на Скопје.
Доставивме барање за наше учество на следната седница на Советот на Градот Скопје. Разговараме со сите советнички и пратенички групи. Доставивме барање за присуство на следната седница на Управниот одбор на ЗЕЛС. Остваривме средба со Клубот на млади пратеници на која договоривме младите пратеници формално да го внесат Предлогот на закон во формална собраниска процедура. Го информиравме премиерот на средбата на 13 мај дека лобираме за оваа иницијатива.
Останува период за подолго размислување околу дадениот предлог, можни спорни точки кои има шанса да се јават и некои измени за негово подобрување. Штом заедно се согласиме по овие неколку отворени прашања, очекувам сите пратеници од сите партии да го поддржат.
На половина сте од двегодишниот мандат како претседател на Сојузот на средношколци – колку е исполнето од програмата со која лани бевте избран и кои приоритети остануваат за следната учебна година?
-Точно, 10 јуни оваа година ќе ја одбележи половината од мојата служба како претседател на Сојузот. Јас и мојот тим бевме избрани во мај 2021, ветувајќи им на средношколците дека ќе ја оствариме изборната програма, насловена „Back to School”. Геслото е, всушност, стих од познатата песна „Maggie May“ на Род Стјуарт. Кога се одржуваа изборите, неговото значење беше очигледно – време е учениците да се вратат во училиштата. Но, паролата ја отсликува и подлабоката смисла на нашиот активизам: заложбата да го вратиме целото општество во клупите заради потребата да се надомести пропуштената колективна лекција.
Седум точки ја сочинуваа програмата. Првиот приоритет е веќе остварен – повторно ги отворивме училиштата. Значајна работа постигнавме по втората и третата точка. И средношколското организирање и бесплатниот и праведен јавен превоз за сите ученици ги преточивме во предлог-закони, и очекуваме најдоцна до крајот на летото тие да стапат во сила. Што се однесува на поддршката за талентираните ученици, лани издејствуваме зголемување на стипендиите за средношколци за 42 отсто.
Изминатава година работевме и на прашања кои не беа предвидени во изборната програма. Во тој поглед, се боревме против корупцијата во системот, реагиравме по случувањата со извидничкиот камп, ја лансиравме наградата „најГЛАСни“ заедно со ЛЕАД и „Конрад Аденауер“, спроведовме многубројни прекрасни активности со АУЕ-ФОН и организиравме дебата за дигитализација со Институтот „Хајделберг“-Скопје. Најважно, станавме кандидати за членство во OBESSU, односно Европската унија на средношколски сојузи.
Се надевам нашите два предлог-закона да бидат стапени во сила кога ќе почне следната учебна година за да може Сојузот да се фокусира на менталното здравје, односно моделот на работа на училишните психолози и на потребата од граѓанско и финансиско образование како задолжителен предмет во средните училишта. Еден од нашите младински амбасадори во Скопје, Леонардо Змајшек, веќе почна да работи по второто прашање. Во јуни ќе формираме два тима во Сојузот за секое од овие прашања, а за нивно остварување ќе ни послужи нашето учество во работната група за новиот Закон за средно, кое ни е гарантирано од премиерот.
Хатка Смаиловиќ
Фото: Дарко Попов